ЕКИПА во Даблин, Р. Ирска
Владимир Булатовиќ
Македонската репрезентација ремизираше на гостувањето против Ирска пред 40.000 гледачи на „Авива стадионот“ во Даблин во пријателскиот натпревар на двете поразени селекции во полуфиналето од баражот за пласман на СП 2026.
Со оглед и на резултатската безначајност, апсолутно натпревар без многу ритам, со бројни прекини и без преголеми возбудувања. Ирците беа подобри создадоа и неколку 100% шанси за голот, но Џејсон Перот очигледно не беше расположен па не ги искористи двете идеални можности, една во првата и една во второто полувреме кога го погоди дирекот од голот на Столе Димитриевски. Најголемата шанса ја имаа преку Кени во 95.минута кога изби на неколку метри буквално сам пред македонскиот голман, но Столе извонредно одбрани, за реми на Македонија!
Македонија, пак, уште еднаш дефанзивно ориентирана, со издание во кое ќе треба понатака дополнителни корекции, имаше само еден шут кон голот на Ирците и тоа на капитенот Енис Барди од прекин, на почетокот од мечот.
Барди ја имаше токму првата шанса на мечот во 21. минута. Капитенот одлично шутираше од 20 метри од слободен удар, но домашниот голман со крајни напори интервенираше исфрлајќи ја топката во корнер.
Првиот обид и на Ирците во 24. минута, кога Трој Перот со глава се обиде да го изненади Димитриевски, но сигурен е македонскиот голман на својата линија. Во 26.минута и Фин Азаз се обиде директно од слободен удар од 18 метри, но над голот на Димитриевски.
Трој Перот во 37. минута во убав соло продор се најде во нашиот шеснаесетник, се обиде со шут откосо, но непрецизно.
И, најголемата шанса во првиот дел ја имаше Трој Перот, кој ја искористи грешката на Дарко Велковски во нашиот шеснаесетник, му ја украде топката и иако беше на 12-13 метри осамен пред голот на Столе Димитриевски, шутираше крајно непрецизно.
Во продолжението Перот во два наврати изби сам пред нашиот гол, постигна и два гола, но и двата поништени поради офсајд позиции.

Во второто полувреме, Седлоски почна поофанзивно со внесувањето на Милан Ристовски на местото на Енис Барди, но и Дени Мусовски на местото на отсечениот Растодер, а во одбраната Серафимов го замени Велковски.
Но, и покрај тоа Ирците беа тие кои почнаа далеку поофанзивно со веќе континуирани напад, па Перот во 52. минута, повторно се најде во одлична позиција, но неговиот шут од десеттина метри заврши во дирекот од голот на Димитриевски. Во 55. минута се обиде и Азаз, но покрај македонскиот гол.
А, во 56. минута повторно во одлична позиција Перот, шетајќи се пред нашиот шеснаесетник, но Фетаи одлично интервенираше во последен момент.
Во 69.минута незгодна повреда на средината од теренот заработи Решат Рамадани, кој не можеше да го продолжи натпреварот, па на негово место влезе Егзон Бејтулаи.
И по еден крајно мирен период со комплетно променети двата тимови, буквално без никакво возбудување и на двете страни, се до 95. минута кога Ирците преку Кени имаа нова 100% шанса, но од само неколку метри пред нашиот гол Столе Димитриевски одбрани 0-0 за Македонија!
ПРИЈАТЕЛСКИ НАТПРЕВАР
Р. ИРСКА – МАКЕДОНИЈА 0-0
„Авива стадион“ во Даблин. Гледачи: 39.560. Главен судија: Иван Арвел Грифит. Помошници: Брајант и Хендрикс (сите од Велс). Четврти судија: Робинсон (С. Ирска). Ж. картони: Димитриевски (М).
Р. ИРСКА: Келехер (60′ Траверс), Колеман (60′ Абанквах, 83′ Браун), О’Ши, Моламби (60′ Вејл), Перот (72′ Идах), Најт, Азаз, Скејлс, Иган (72′ О’Брајан), Огбене (83′ Кени), Колинс (60′ Лавал)
Селектор: Хеимир Халгримсон
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Фетаи (66′ Муслиу), Зајков, Велковски (46′ Серафимов), Херера, Костадинов (60′ Николов), Алими (60′ Дориев), Барди (19′ М. Ристовски), Чурлинов (60′ Станковски), Елмас (60′ Рамадани), Растодер (46′ Мусовски)
Селектор: Гоце Седлоски
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

