И по враќањето од Лихтенштајн, македонските репрезентативци се уште се под силно влијание, како и цела Македонија, на трагичниот настан во Кочани кој однесе 59 млади животи.
Потресен е и репрезентативниот голман Столе Димитриевски кој крајно емотивно се обрати денеска пред македонските медиуми во очекување на утрешниот натпревар со Велс. Столе вели дека сите сега треба да им подари љубов и поддршка на семејствата на настраданите затоа што тоа е она што најмногу им треба во моментов.
„Беше тешко, беше навистина тешко за сите нас. Ми беше тешко да спијам после настанот во Кочани, ме обзедоа емоции кои тешко се контролираат. Затоа знаеме дека сега на македонскиот народ и на сите тие семејства им треба само љубов. Да бидеме сплотени, единствени. Знам дека сите сме шокирани, и затоа сега треба сплотеност и љубов, за тие семејства и тие луѓе кои директно ја почувствуваа трагедијата“ – вели Димитриевски.
Македонскиот голман, што се однесува до натпреварот, верува дека може националниот тим да одигра уште еден квалитетен натпревар а тој да продолжи со „чиста мрежа“. Досега има рекордни 621 минута без примен гол, и сака тоа да продолжи и по утрешниот меч со Велс.
„Јас сакав да сум тука затоа што секогаш кога сум на прес-конференција потоа имам чиста мрежа, и така би сакал да биде и утре. Ако имаме чиста мрежа имаме минимално реми. Работиме на тоа да дојдеме до чиста мрежа, па и до победа“ – вели Димитриевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА