Столе Димитриевски ќе остане во Валенсија во текот на оваа сезона без оглед на неисполнетото ветување на управата дека македонскиот реперезентативец ќе биде прв голман по планираното заминување на Гиорги Мамардашвили.
До пресврт дојде во последен момент откако Мамардашвили беше продаден во Ливерпул, но веднаш потоа вратен на едногодишна позајмица во Валенсија, по што стана јасно дека Грузиецот ќе остане опција број 1 за тренерот Бараха, а Димитриевски ќе биде само резерва.
Во договорот на Македонецот имаше клаузула со која може веднаш да си замине за сума од три милиони евра. Таа истече пред неколку дена, како опција постоеше и позајмица во друг клуб, но Димитриевски ја отфрлил и оваа варијанта. Како што објави „Радио Валенсија“, Македонецот решил да остане и да се бори за првотимски статус.
Оваа битка можеби е однапред загубена за сезонава, но јасна е желбата на македонскиот голман да се адаптира во новата средина, за потоа во следната сезона и дефинитивното заминување на Мамардашвили тој да биде прва голманска опција во Валенсија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА