Француските екипи се опуштаат пред натпреварите со музика во соблекувалната, но тоа дефинитивно не е случај со Вардар. Ова го откри капитенот Стојанче Стоилов, кој тврди дека рецептот на „црвено-црните“ за успех е наместо музика – хумор и „сеир“ меѓу соиграчите.
„Во нашата соблекувална нема музика, само хумор и „сеир“ меѓу нас играчите. Секогаш си дофрламе нешто, се шегуваме еден со друг… ако некој не е расположен и изреагира, е тогаш целиот тим му се врти и не може никако да се спаси. Секако, внимаваме да не ја минеме границата, никогаш досега тоа не се случило, но во секој случај мислам дека подобро го градиме тимскиот дух на ваков начин отколку со музика“ – истакнува Столе Стоилов.
Тој нема посебен ритуал пред натпреварите, но открива кои од соиграчите најдолго време минуваат во соблекувалната.
„За мене нема ритуал, малку се истегнувам и потоа прв излегувам од соблекувалната, се поздравувам со сите кога тие ќе излезат еден по еден. Можам да кажам дека има неколку момци, Циндриќ, Македа, Марсениќ… искрено не знам што прават таму, знам само дека речиси пред секој меч морам да викам по нив за да излезат. Кој им е ритуалот и дали се суеверни, ќе треба нив да ги прашате“ – низ шега открива капитенот на „вардарци“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА