Столе Стоилов, голобрадото момче од Ниш сега е „лавовско срце“ на Македонија

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

Македонија редовно на големите натпреварувања зависи од головите на Кире Лазаров, одбраните на Борко Ристовски или Никола Митревски, и од реализацијата на зицерите на Манасков и на Георгиевски. Сепак, она што е немерливо со обична статистика е влијанието што врз резултатите на големите натпреварувања го има Стојанче Стоилов, „лавовското срце“ на нашиот национален тим.

Значаен адут е и во одбраната, додека во нападот „јаде ќотек“ како никој, ја тресе противничката мрежа, изнудува пенали, исклучувањата од ривалите. Уште поважно, со својата бобреност тој дава дополнителен импулс кај сите останати, да го следат во тие жестоки борби за победа.

Столе Стоилов дебитираше на големите натпреварувања на СП во Хрватска, а првиот настап на европките шампионати го имаше пред осум години во Србија. Тогаш европската ракометна јавност во Ниш и во Белград го виде на дело младиот скопјанец, по одличните игри во репрезентативниот дрес го привлече вниманието на клубови од Германија и Шпанија, но Стоилов остана лојален до крај на Вардар. И не погреши, бидејќи низ годините стана икона на овој клуб, со кој два пати го крена пехарот во ЛШ и освои бројни трофеи во СЕХА-лигата и на македонската ракометна сцена.

Голобрадото момче од пред осум години сега е дел од самата елита на европскиот ракомет, а како таков со право очекува победа на секој натпревар. Воедно, се бори за неа до последниот атом на силите, инсистира истото да го сторат истото. Во интерес на националниот дрес и државата за која играат.

Се вчитува...