Црвена Звезда славеше во вечното дерби во АБА-лигата над Партизан (92-86), правејќи голем чекор напред кон обезбедување на место во плејофот во регионалното натпреварување. „Црно-белите“ влегоа во дуелот со серија од девет победи во АБА, но таа беше прекината откако во неизвесна завршница не успеаја да го земат скалпот на големиот ривал.
Сосема очекувано, мечот изобилуваше со одлични потези, прекрасни завршници на акции, но и цврста одбрана, двете екипи се менуваа во водство, но на крајот пресуди мирната рака на „црвено-белите“. Кога беше најважно Партизан непотребно влезе во серија на лични грешки уште на противничката половина, домаќините го искористија тоа и со прецизно изведени слободни фрлања стигнаа до предност што се покажа недостижна за „црно-белите“.
Били Берон беше најдобар поединец на овој натпревар постигнувајќи 26 поени, Лазиќ реализираше 12 за победничкиот тим, додека најефикасни во таборот на Партизан беа Гордиќ со 14 и Јарамаз и Пејџ со по 13 постигнати поени.
Партизан со овој пораз сега е на делба на првото место со Будуќност, со идентичен скор 14-4, Црвена Звезда е третопласирана со 12-6, а на делба на четвртата позиција, последна која води во плејофот, се Цедевита Олимпија, Морнар и Приморска со идентични 11-5.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

