Денешната најава за воведување на вонредна состојба на територијата на целата држава, како и изјавата на Министерот Филипче дека „пикот“ на епидемијата се очекува во месец април јасно стави до знаење да не очекуваме во блиска иднина да дојде до продолжување на спортските настани на територијата на нашата држава
Се уште е неизвесно дали и кога ќе продолжат лигите во фудбал, ракомет и кошарка, а први реагираа кошаркарските прволигаши. Американските кошаркари кои настапуваат во неколку прволигашки екипи веќе почнаа да ги пакуваат куферите, откако стана јасно дека најмалку уште триесетина дена нема да има натпревари, а клубовите поради истата причина настојуваат да ги намалат трошоците.
Американците Пит и Лескот вечерва ќе ја напуштат Македонија и ќе се вратат во татковината, на сличен чекор се решиле и дел од странците на ФМП, додека одлука за разделба од странските кошаркари донесе и шампионот МЗТ Скопје. За очекување е трендот да го следат и останатите македонски прволигаши, во исчекување на конкретен предлог од раководството на КФСМ дали сезонава воопшто да се доигра и доколку тоа биде случај, кога може да се очекува продолжението на возбудувањата на кошаркарските терени ширум Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

