Поранешниот ракометар на Вардар, Мартин С., а потоа и познат модел во Србија, е момчето кое по непрофесионално ракување со експлозивна направа загина во стан во центарот на Белград, пренесуваат српските медиуми.
Главниот град на Србија беше потресен од силна експлозија 21-годишниот Мартин починал на лице место по експлозијата во стан на улица Косовска, на само неколку десетици метри од зградата на Народното собрание. Во станот, наводно, е пронајден Ц-4, воен експлозив што се користи исклучиво во специјални операции.
По наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, кое ја води истрагата, уапсен е 26-годишниот Филип В. од Белград, поради сомнение дека на 30 септември нелегално го набавил а потоа го предал експлозивот „пентрит“, на македонскиот државјанин истиот ден на аголот од улиците „Косовска“ и „Нушиќева“. Мартин, како што е утврдено од досегашната истрага, следниот ден, 1 октомври, околу 21:45 часот, несмасно ја активирал експлозивната направа и починал на самото место.
„По обдукцијата, беше идентификувано дека починатиот е Мартин С., државјанин на Македонија кој немал криминално досие. Засега не е познато како се нашол во мафијашките кругови, со оглед на тоа што, според познаници, тој бил модел кој се пробил и бил котиран на турскиот пазар и досега направил голем напредок на модната писта“ – вели неименуваниот соговорник за српски „Курир“.
Мартин С. е поранешен ракометар на скопски Вардар, но поради повреда на вратот се откажал од својата најголема љубов – ракометот, а потоа заполови по модните писти, но за жал неговиот живот згасна на 21 година. Беше студент и на Факултетот за бизнис и менаџмент во Скопјe.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

