Усман Дембеле од денеска ќе се врати на тренинзите на ПСЖ и викендов би требало повторно да биде дел од напаѓачкото трио на „светците“, откако експресно се смирија страстите по конфликтот што крилниот офанзивец го имаше со тренерот Луис Енрике.
Француските медиуми обелоденија дека Дембеле го изнервирал Енрике откако доцнел повеќе од половина час на првиот тренинг по викенд-натпреварот, притоа не давајќи ниту причина за доцнењето. Трофејниот стратег збеснал на неодговорниот играч, кој најпрвин бил избркан од тренингот, а потоа била донесена и одлука Дембеле воопшто да не патува со тимот на гостувањето против Арсенал.
ПСЖ лесно го загуби мечот во Лондон со 2-0, а по враќањето во Париз се чини дека страстите се смирени. Последните информации од таборот на ПСЖ велат дека Дембеле уште пред тргнувањето на екипата за Англија се извинил на тренерот и на соиграчите. Извинувањето било прифатено, санкцијата од Луис Енрике останала, но било договорено тој во следните денови да тренира со првата екипа и да биде во комбинација за настап викендов против тимот на Ница.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА