Струга и Работник убедливи во Супер-лигата

Струга и Работник стигнаа до вторите победи во ракометната Супер-лига на Македонија откако денеска освоија цел плен и на своите први домашни натпревари.

Струга за противник го имаше тимот на Вардар јуниор, пресметка што избраниците на тренерот Бошковски рутински ја добија со 32-22. Домашниот тим имаше целосна контрола над резултатот, на полувреме водеше со 15-10, за на крајот да стигна и до двоцифрен триумф. Дарио Петровски со седум гола беше прв стрелец на стружани, еден помалку постигна Грузиецот Арвелоди, додека најефикасен кај Вардар јуниор беше Мартин Димов со пет постигнати гола.

Работник по убедливиот триумф на градското дерби со Пелистер немаше никакви проблеми и на пресметката со Радовиш, триумфирајќи со 35-27. Гостите покажаа заби во првото полувреме, имаа и три гола предност (9-12), а откако на одмор се замина со израмнети 15-15 во вториот дел можеше да се види целосна доминација на домашниот тим, со дури 20 постигнати погодоци за 30 минути игра. Гоце Ојлески ги предводеше стрелците на победничкиот тим со седум гола, а по шест пати меѓу стрелците се запишаа Ивановиќ, Џукиќ и Горан Кузманоски.

Најдобар стрелец на Радовиш повторно беше Ивица Илиев со 11 постигнати погодоци, девет од нив во првото полувреме.

Се вчитува...