Екипата на Струга Трим Лум уште денеска може да ја обезбеди шампионската титула во ПМФЛ. Тоа е можно ако Струга денеска триумфира против Силекс, а на „Чаир“ на дуелот Шкупи – Шкендија, да не слави гостинскиот тим. Тогаш стружани и дефинитивно ќе се радуваат на својот прв пехар во историјата.
Струга е пред историја, и пред освојување на титулата. Стружани речиси од стартот на сезоната беа на првото место. Иако ривалите стигнуваа до нив, сепак, секогаш наоѓаа начин како повторно да се одлепат. Во моментов разликата е пет бодови на три кола до крај, тоа значи дека денеска победа и „кикс“ на Шкендија, ги прави недопирливи на првата позиција.
„Многу важен натпревар е пред нас, со сериозен противник како што е Силекс. Тешка екипа, особено ако добро се постави во одбрана. Ќе ни треба многу труд за да дојдеме до победата. Еден од најважните натпревари за нас, затоа што математиката кажува дека можеме да дојдеме до титулата. Но, да ја завршиме работата на зелениот терен. Најважно е да бидеме на потребното ниво, и ако тоа се случи тогаш верувам дека ќе дојдеме до три бода“, вели Меџит Незири, играчот на Струга.
Ако Шкендија триумфира денеска на „Чаир“, тогаш ќе има и натаму шанси за титулата. Меѓутоа се друго ја прави таа мисија невозможна, а ќе им биде загрозено и второто место на табелата. Чаирскиот тим сака со триумф да ги израдува своите навивачи и да ја почне потерата по вицешампионската позиција.
„Тешко е да се размислува сега за титулата, иако математички имаме шанси. Но, на нас останува да победиме на сите три меча до крајот на сезоната, и со тоа да бидеме второпласирани на крајот“, вели Фреди Алварез, играчот на Шкупи.
„Мечот го чекаме мирно, тренираме нормално и како на секој друг меч одиме да дадеме максимум. Тимот ги има сите можности да го покаже својот квалитет. Ништо не ни недостига, треба само да излеземе на теренот и дадеме максимум“, рече фудбалерот на Шкендија, Ералдо Чинари.
Другите мечеви се само за „престиж“. Победа која веќе е второлигаш гостува на Македонија ЃП. Овој меч ќе се игра на теренот на тренинг центарот „Петар Милошевски“, додека Работнички на „Борис Трајковски“ го чека тимот на Брегалница. Академија Пандев во Струмица игра против Тиквеш.
ПМФЛ, 31. КОЛО
ДЕНЕСКА 17:00 ЧАСОТ
Струмица: АК. ПАНДЕВ – ТИКВЕШ
Скопје, тренинг центар „Петар Милошевски“: МАКЕДОНИЈА ЃП – ПОБЕДА
Скопје, стадион „Борис Трајковски“: РАБОТНИЧКИ – БРЕГАЛНИЦА
Скопје, стадион „Чаир“: ШКУПИ – ШКЕНДИЈА
Струга: СТРУГА ТЛ – СИЛЕКС
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА