Струга ТЛ: Беше нападнато нашето раководство во Скопје, го повикуваме и Вардар да го осуди инцидентот

По постигнувањето на водечкиот погодок на Струга ТЛ за 1-2 на вчерашното гостување против Вардар на арената „Тодор Проески“ се случи мал инцидент на Северната трибина во кој беа инволвирани членови на раководствата на двата клуба.

Од Струга ТЛ, со официјално соопштение реагираа на инцидентот истакнувајќи дека на таквите постапки на им е место во фудбалот, повикувајќи го и ФК Вардар да го осуди однесувањето на претставниците на клубот.

„Денеска бевме сведоци на обид за напад на челниците на нашиот клуб од страна на претставници на противничкиот клуб. Најостро го осудуваме насилниот обид врз челниците на нашиот клуб од страна на претставници на противничката екипа. Ваквите постапки се целосно неприфатливи и немаат место во фудбалот или во кој било аспект од животот. Нашиот клуб е посветен на вредностите на почит и спортски дух и ги повикуваме надлежните органи да преземат итна акција за решавање на овој сериозен инцидент. Го повикуваме раководството на Вардар да го осуди ваквото однесување на претставниците на клубот“ – се вели во соопштението на Струга ТЛ.

Инцидентот, пак, го избегна шефот на стручниот штаб на стружани, Ќатип Османи кој, поради црвениот картон добиен во претходното коло, вчера од трибините го следеше натпреварот на својот тим.

Се вчитува...