Струга ТЛ од 17 часот денеска против исландски Бреидаблик, го прави првиот чекор кон уште еден историски успех на македонскиот фудбал и пласман во групите во едно европско натпреварување, поточно во Лигата на Конференции. Откако испадна од Жалгирис од квалификациите во Лигата на шампионите, стружани потоа ги минаа Будуќност и Есперанж, и сега се пред најголемиот предизвик во својата историја.
Дуелот се игра во Охрид, со оглед дека стадионот во Скопје се чува за квалификацискиот меч со Италија во септември, и тоа може да биде само предност за стружани. Тука веќе одиграа против Жалгирис и против Будуќност, каде остварија еден пораз од 1-2 и една победа од 1-0 против црногорскиот првак.
Сите од таборот на македонскиот шампион се свесни дека имаат шанси за историја, останува само последниот чекор.
„Се чувствувам среќен што сум дел од оваа екипа на Струга ТЛ која што успеа да испише историја, најпрво освојувајќи ја титулата, а потоа и со играњето на меѓународни натпревари со успех. Се надевам дека ќе го направиме последниот чекор и ќе се пласираме во групите од Лигата на Конференции. Се надевам дека ќе продолжиме во ист ритам како и досега. Сакаме да постигнеме што подобар резултат денеска“, рече Меџит Незири, дефанзивецот на Струга ТЛ.
Стружани во мечот влегуваат без Марјан Радески кој има црвен картон од дуелот со Есперанж, а исто така ќе го нема и тренерот Дуро кој е казнет од УЕФА поради недолично однесување на последниот натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА