Струга ТЛ и Шкупи ги решија Брера и Работнички, нов кикс на Шкендија, голем бод за Вардар од Гостивар (ВИДЕО)

По три едноподруго ремија, Шкупи се врати на победите во Првата македонска фудбалска лига триумфирајќи со 3-2 против Работнички во 23. коло од шампионатот. Победа и за актуелниот шампион Струга ТЛ кој со 3-1 славеше против АП Брера. Па, сега се издвоија на врвот од табелата искористувајќи го новиот кикс на Шкендија, која ремизираше без голови против Воска Спорт на домашен терен.

Повеќе од значаен бод во битката за опстанок освои и Вардар на гостувањето против Гостивар. Одличен на голот на „вардарци“ беше младиот Велковски кој успеа да спречи неколку одлични обиди на домашните за победа.

Струга ТЛ победи против АП Брера благодарение пред се на одличниот Бесарт Ибраими. Ибраими најпрво во 33. минута од пенал донесе предност од 1-0 за стружани…

А, во 38. минута по неговиот шут од слободен удар од околу 25 метри, на одбиената топка крајно неспретно реагираше гостинскиот дефанзивец Руфати кој си ја смести топката во сопствената мрежа.

Во второто полувреме, Згуро во 60.минута донесе предност и од 3-0 за Струга ТЛ, по што веќе беше познат победникот на мечот. АП Брера единствено во 85. минута преку Јанкулов успеа да постигне почесен погодок.

Шкупи, пак, во најинтересениот меч на колото триумфираше со 3-2 против Работнички, а херој кај домашните беше Рватубјае кој постигна два гола. Најпрво Шкупи дојде до предност од 2-0 со головите на Рватубјае во 21. минута и на Гронер во 29. минута.


А, Работнички во 35. минута пред Адем по мешаницата пред голот на домашните успеа да намали на 2-1. За да во вториот дел Гандо погоди во 71. минута и за 2-2.


Но, во 84. минута Шкупи дојде до посакуваните три бода со вториот гол на Рватубјае.

Силекс конечно дојде до гол и победа во пролетниот дел од сезоната. Кратовци со 1-0 победија на домашен терен против Македонија ЃП благодарение на голот на Анѓелески уште во 17. минута.

Во Кавадарци, пак, одличен натпревар во дербито на Истокот, во кој Тиквеш со пресврт победи со 2-1 против Брегалница.

Гостите поведоа со голот на Соломон Кинг уште во 7. минута.

А, во 30. минута на 1-1 израмни Бразилецот Робертињо Нето…

Кавадарчани до победата дојдоа со голот на Христијан Малески во 69. минута од средбата.

Шкендија направи кикс во трката за шампионската титула играјќи само 0-0 против Воска Спорт на домашен терен. Херој на тимот од Охрид беше Костадин Захов, екс голманот на Шкендија кој му одбрани пенал на Чинари во 80. минута, и практично се извади за направниот казнен удар над Тотре. И гостите имаа свои можности, но не ги искористија, па мрежите на крајот мируваа.

ПМФЛ – 23. КОЛО
Кратово: СИЛЕКС – МАКЕДОНИЈА ЃП 1-0
Анѓелески 17′
Тетово: ШКЕНДИЈА – ВОСКА СПОРТ 0-0
Кавадарци: ТИКВЕШ – БРЕГАЛНИЦА 2-1
Нето 30′, Малески 69′ – Соломон Кинг 7′
Скопје: ШКУПИ – РАБОТНИЧКИ 3-2
Рватубјае 21′, 84′, Гронер 29′ – Адем 35′, Гандо 71′
Струга: СТРУГА ТЛ – АП БРЕРА 3-1
Ибрами 33′(п), Руфати 38′ (аг), Згуро 60′ – Јанкулов 85′
Гостивар: ГОСТИВАР – ВАРДАР 0-0

Се вчитува...