Шампионот Струга ТЛ и моменталниот лидер на табелата Шкупи, денеска на Градскиот стадион во Струга го отвораат 20. коло во ПМФЛ. Дерби за моментално првата позиција на табелата, но и дерби кое на крајот може да биде одлучувачко за освојување на титулата.
Шкупи одлично го отвори пролетниот дел од сезоната со победа над Воска Спорт на Чаир, додека стружани одиграа без голови на гостувањето кај Работнички. Првиот меч во оваа сезона го доби тимот на Шкупи, кој на свој терен славеше со 2-0. Последните два меча на теренот во Струга, завршуваа со победа на домашните, двата со по 201. Последен пат Шкупи триумфираше во Струга пред две години, во март 2022 година кога победи 1-3.
И двата тима влегуваат со свои математики во овој меч, кој се очекува да биде тврд и крајно неизвесен, на две екипи кои се во моментов најквалитетните во македонскиот шампионат.
„Ќе биде тежок натпревар, нашата предност е што играме како домаќини, пред нашата публика, па се надеваме дека ќе ја имаме вистинската поддршка за победа на крајот. Сум одиграл многу мечеви против Шкупи, и секој ќе мора да придонесе да се постигне целта, а тоа е победа. Јас лично влегувам во секој натпревар да постигнам гол. Постигнав многу голови против Шкупи, секако дека би сакал таа бројка да биде повисока, но пред се важно е тимот да дојде до триумф“, изјави Бесарт Ибраими, голгетерот на Струга ТЛ.
Шкупи, пак, после победата над Воска, со високи амбиции влегува и во пресметката со Струга ТЛ.
„Не очекува тежок натпревар против добар тим, но не криеме дека ние на крајот сакаме да бидеме шампиони. За овој меч подготвени сме максимално. Во тимот има добра атмосфера, сите сме како големо семејство и работиме напорно сите. Во секој натпревар ќе влеземе како да е дерби, се додека не дојдеме до целта. Во Струга одиме со големи амбиции и со цел да дојдеме до три бода. Се надевам дека и ние ќе ја имаме поддршката од нашата публика за да дојдеме до три бода“, кажа играчот на Шкупи, Арби Воша.
ПМФЛ, 20. КОЛО
ДЕНЕСКА, 14:00 ЧАСОТ
Струга: СТРУГА ТЛ – ШКУПИ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

