Струга ТЛ падна на Чаир: Шкупи со гол од сомнителен пенал за прв пораз на стружани (ВИДЕО/ ФОТО)

Нема повеќе непобедена екипа сезонава во македонската Прва лига. Струга ТЛ во 11. коло од шампионатот, во десеттиот свој натпревар, го доживеа првиот пораз, по претходните осум победи и едно реми. Стружани загубија на Чаир од Шкупи, минимално со 1-0, по сомнителен пенал кој успешно го реализираше Фреди Алварез во 57. минута.

По безмалку мирното прво полувреме во кое Шкупи имаше повеќе шанси но не успеа да ги искористи, сите клучни возбудувања се случија во вториот дел.

Во 53. минута при една повратна топка пред голот на стружани, дојде до судир меѓу голманот на Струга ТЛ, Ведран Ќосевски и напаѓачот на Шкупи, Сандеј Адетунџи.

При таа ситуација повреда заработи и Ќосевски, кој собра сили да се обиде да го брани пеналот, но потоа поради повредата мораше и да го напушти теренот, па младиот голман Кристијан Китановски влезе на местото на Ведран Ќосевски веднаш во 58. минута по изведениот пенал на домашните.

До крајот стружани се обидуваа да дојдат до израмнување, шанси имаа Кочовски и Нигериецот Укпа, но Шкупи успеа да се одбрани за конечен триумф од 1-0.

ПМФЛ – 11. КОЛО 
Скопје: ШКУПИ – СТРУГА ТЛ 1-0

Алварез 57′

ВЧЕРА
Штип: БРЕГАЛНИЦА – СИЛЕКС 2-3
Ѓорѓиев 8′, Брегалница 23 – Масевски 5′, Манасиевски 63′, Ристовски 75′
Скопје: РАБОТНИЧКИ – ШКЕНДИЈА 2-4
Максимов 6′, Јанакиевски 65′ – Шаља 23′, Стојановски 49′, 85′, Велија 75′
Прилеп: ПОБЕДА – АК. ПАНДЕВ 1-1
Рамани 75′ – Велиновски 59′
Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – СКОПЈЕ 2-0
Самаке 19′, Вучичевиќ 75′

Се вчитува...