Струга ТЛ „шампионската авантура“ ја почнува со гостување кај Жалгирис

Шампионот во Првата македонска фудбалска лига Струга Трим и Лум денеска ќе му гостува на Жалгирис во првиот натпревар од двомечот во воведното квалификациско коло во Лигата на шампионите.

Стружани имаат историска шанса во својата прва година во квалификациите од елитното натпреварување со победа во овој двомеч да направат голем чекор кон групна фаза во едно од европските натпреварувања.

Тренерот на стружани, Шпетим Дуро не го крие задоволството што тимот бележи историски момент со прв настап во квалификациите за најсилното фудбалско натпреварување, а благата фаворитска улога им ја препиша на Литванците.

„Со нетрпение ја очекуваме оваа средба. Ова е историски момент за Струга ТЛ, Ние сме горди што утре ќе играме во квалификациите во Лигата на Шампионите. Ние сме клуб кој е формиран пред 8 години и ова е големо достигнување за нас во Струга ТЛ, за градот.

Реално Жалгирис е фаворит на хартија, и тоа поради искуството на играње на вакви мечеви во квалификациите во Лигата на Шампионите и воопшто на европските натпревари. Сепак и ние сме, тимот на Струга Трим Лум, добар тим со искусни играчи. Секако дека и ние си имаме свој квалитет и свои можности. Се знае дека не секогаш во фудбалот не победува фаворитот. Треба да се одиграат два натпревари и јасно е дека ние имаме свои шанси за пласман понатаму.

Теренот со вештачка трева му дава одредена предноста на домашниот состав, но и ние трениравме во текот на изминатите денови на сличен терен. Како и да се заврши утрешниот меч нема ништо да реши, утре не завршува овој двомеч. Да кажам дека не сакавме ништо да менуваме во однос на барањето на Жалгирис, како што се падна на ждрепката така сакавме да играме, тоа го почитуваме“, вели Дуро.

Натпреварот меѓу Жалгирис и Струга Трим Лум е со почеток во 18 часот.

Се вчитува...