Македонскиот шампион Струга ТЛ денеска од 18 часот во Ереван ја очекува реванш натпреварот против ерменски Пјуник во 2. квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА.
Стружани имаат предност од 2-1 по првиот меч, верувајќи дека може да дојдат до крајнат цел, пласман во следната рунда натпревари во третото по квалитет европско клупско натпреварување.
Тренерот Ќатип Османи, сепак, нагласува дека мора многу сериозно да се пристапи на дуелот давајќи го максимумот, ако се сака да се дојде до целта.
„И двете екипи се борат за пласман во следната рунда, но треба мирно да пристапиме на натпреварот. И покрај тоа што имаме мало водство, тоа не е резултат кој ни гарантира пласман во следната рунда, па затоа деновиве работевме и разговаравме и за психолошкиот аспект да дадеме се од себе за пласман во следната круг“ – вели Османи, притоа дополнувајќи:
„Секако дека го анализиравме противникот, кој е навистина многу дисциплиниран тим, со поединци кои знаат да бираат ситуации во вистински моменти, па секако очекуваме тежок натпревар, натпревар кој веројатно ќе го одлучат нијансите“.
Ќатип Османи денеска ќе го има својот 30-ти јубилеен меч како тренер во европските натпреварувања. Досега има 29 натпревари, на кои забележа 17 порази, 4 нерешени и 8 победи, вклучувајќи ја и последната победа против следниот противник Пјуник на првиот меч одржан во Охрид.
Победникот од денешниот дуел, во третото квалификациско коло во Конференциската лига на УЕФА, ќе се соочи со победникот од дуелот Диферданж – Ордабаси.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА