Струга влезе во „црна серија“, пораз и од Бутел

Резултатската криза на Струга дополнително се продлабочи по денешниот пораз на домашен терен од Бутел со 23-24, четврти неуспех во низа за новиот суперлигаш кој одлично ја почна сезоната, но во последно време влезе во „црна серија“. Мечот мина во израмнета битка се до самиот финиш, за при 22-22 гостите да постигнат два гола преку Младеновски и Мојсоски, пред Тренчевски во последната минута да го постигне последниот погодок на мечот за Струга.

Златко Мојсоски постигна седум гола на враќањето во родниот град, Мајиќ додаде пет погодоци за Бутел, додека кај стружани најефикасни беа Петровски со седум и Кузмановски со пет погодоци.

Радовиш ја оправда фаворитската улога на дуелот со Борец, лесно триумфирајќи со убедливи 45-34. Мечот беше израмнет се до 6-6, за потоа радовишани целосно да ја преземат контролата, на одмор да заминат со 22-14, за мечот да го завршат со дури 45 постигнати голови. Ивица Илиев одигра уште еден одличен натпревар постигнувајќи 15 гола за Радовиш, додека најдобри стрелци кај Борец беа Минов и Кочов со по осум погодоци.

Се вчитува...