Струга за 45 минути ја реши Шкендија Арачиново и ќе преноќи на лидерската позиција на табелата

Фудбалерите на Струга ТЛ со 2:0 како гости славеа во дуелот со Шкендија Арачиново во натпреварот од десеттото коло во Првата Македонска фудбалска лига.

Со триумфот, стружани се израмнија со Шкендија Тетово на лидерската позиција на табелата, и двете екипи имаат по 20 бодови, но Струга ТЛ има подобра гол-разлика и ќе преноќи како првопласирана, најмалку до утрешниот дуел на тетовските „црвено-црни“.

Дилемите околу победникот на денешниот дуел беа решени уште во првите 45 минути во кои Струга ги постигна двата гола.
Резултатот го отвори Бесмир Бојки уште во деветтата минута со одличен удар од шеснаесетина метри.

Дилемите околу победникот беа решени во 26-та минута кога Мартин Тодоров заработи црвен картон, а две минути подоцна, Марјан Радески го реализира ударот од белата точка.

Во второто полувреме, стружани со играч повеќе рутински ги контролираа случувањата на теренот, имаа неколку шанси кои не ги реализираа и ја запишаа првата победа на гостински терен сезонава.

Се вчитува...