Струмичани среќни за победата, гневни за организацијата: „Со цел мерак доаѓаме на натпревар, вие не враќате во кафана!“

Ребрендираната АП Брера Струмица со победа против најтрофејниот македонски клуб Вардар ги почна натпреварите во новата сезона од Првата македонска фудбалска лига. Сето тоа на огромна радост на струмичани кои, факт е, и тоа како се желни за фудбалски успеси во својот град. Посебно, во ситуација кога Беласица е далеку од елитното ниво на кое беше препознавана на почетокот од овој милениум.

Не го криеја струмичани вчера задоволството од победата, но факт е дека уште и на самиот натпревар, а и по мечот, не го криеја револтот поради организацијата на мечот кој се одигра на тренинг центарот „Горан Пандев“ кој објективно ниту од далеку не можеше да ги прими сите желни да го проследат дуелот на АП Брера со Вардар.

Поради незавршен технички преглед не беше дозволена употреба на монтажната трибина, па голем број фудбалски вљубеници останаа покрај жицата на тренинг-центарот, отстранувајќи ги рекламните билборди за да може да го следат натпреварот… Добар дел, пак, беа вратени…

„Со цел мерак доаѓаме на стадионот, вие не враќате во кафана…. Браво за победата, секоја чест, али за организацијата на самата утакмица чиста нула“ – се дел од коментарите,и во шеговите конотација, по дуелот во Струмица.

Според струмичани актуелниот терен на тренинг центарот „Горан Пандев“ не нуди услови за одигрување прволигашки натпревар, ако се знае традиционалниот интерес на струмичани за фудбалот. Ако се знае дека АП Брера е единствениот прволигаш од градот зачудувачки е зошто и не се игра на единствениот стадион во Струмица?

„Голем респект за Горан Пандев, ама организацијата беше катастрофа. Во стадион со место за 500 луѓе, внатре имаше 1000. На влезот ако имаш шише вода ни го земаа, а внатре нема каде да купиш, ниту каде да наполниш. Ќе умреш од жед, нема тоалет, нема никакви услови“ – се дел од коментарите по дуелот кој беше и во живо пренесуван на „Нова Спорт“ и „ТВ Спортклуб“.

Се вчитува...