Прагот на толеранцијата на македонската куќа на кошарката за одложување на плаќањето на долговите на клубовите од Првата лига го достигна својот максимум. Па така, МКФ одлучи да им изрече суспензии на клубовите кои не ги исплатиле своите долгови, без разлика дали станува за котизација, казни или пак такси за лиценците за странските кошаркари во клубовите.
Еден од четирите клубови кои добија суспензија е и Струмица која од пред нешто повеќе од десетина дена доживеа целосен ремонт – од врвот, раководството па сè до играчкиот кадар и стручниот штаб.
Целта за оваа сезона е опстанок во кошаркарската елита на Макдонија, земајќи ги предвид промените кон крајот на регуларниот тек на сезоната, а суспензијата не оди во прилог на струмичани. За интересот на клубовите, како и досега, ќе решава Здружението на Прволигаши, претстојната среда.
„Ќе мораме да чекаме од Здружението на Прволигаши за да видиме што ќе се случува понатаму. Претставници од клубот беа минатиот вторник во МКФ за да побараат одложување на рокот за плаќање или барем можност за плаќање на рати, а ден потоа добивме соопштение за суспензија доколку не исплатиме до петок. Поголемиот дел од клубовите, односно главните спонзори (општините) ги рпават завршните сметки и ги формираат буџетите за целата календарска година и ние немавме доволно време за да најдеме начин да го платиме долгот. Сега ние не можеме ниту да ги одиграме натпреварите од Купот (1. и 8. февруари). Мојата работа е на теренот и само за тоа треба да се грижам. Единствена позитивна страна на сето ова е што ќе имам повеќе време со тимот за да се воиграме“ – вели Петар Настев, кој неодамна го презема кормилото од Златко Зетов.
Едно е сигурно, во ничија полза не одат суспензиите и клубовите со МКФ мораат што побрзо да најдат решение за да домашното првенство продолжи со нормален тек.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА