Струмица на чекор до нова титула во одбојкарскиот шампионат

Одбојкарите на Струмица се наоѓаат на еден чекор до нова шампионска титула во македонското првенство откако во денешниот трет меч од финалната серија славеа над составот на Штип со 3-1 во сетови. „Сино-белите“ експресно се рехабилитираа од поразот од штипјани од пред неколку дена, одиграа квалитетен меч и заслужено стигнаа до тримф со кој поведоа со 2-1 во финалето кое се игра до три добиени меча.

Струмица од самиот почeток влезе во посакуваниот ритам, добивајќи го стартниот сет со 25-18. Гостите од Штип изненадија со извонреден настап во вториот сет, кога најпрвин се одлепија на 11-18, а ниту тајмаутот на домаќините не вроди со плод, па штипјани го добија вториот сет со 15-25.

Актуелниот првак сепак навреме се разбуди, веќе во третиот сет повторно почна да доминира и рутински го доби со 25-17, за во четвртиот да ја запечати победата со убедливи 25-15.

Четвртиот меч од оваа серија е закажан за четврток во салата во Штип, каде струмичани ќе ја имаат првата „меч-топка“ во борбата за титулата.

Се вчитува...