Офанзивецот Бошко Ступиќ и на свои 36 години игра извонредно низ подготвителниот период во дресот на Кит Го, постигнувајќи погодок на сите три претходни тест-дуели за својот тим. Но, без разлика и на головите, со својот пристап кон играта и начинот на кој го носи дресот на пехчевци е вистински пример за помладите фудбалери во редовите на Кит Го.
Вели дека за него, како највозрасен во составот на Емил Грнев, е и еден вид обврска да им помага на помладите од секаков аспект.
„Како поискусен играч се обидувам да бидам целосно на располагање за секој соиграч, со било каков совет и максимална поддршка за младите фудбалери. Може да кажам дека навистина сме еден компактен колектив. Со Рајков и Кордоба добивме одлични засилувања и со уште неколку млади фудбалери верувам дека ќе играме значајна улога во Втората лига – Исток до крајот на сезоната“ – истакнува Ступиќ, за официјалната интернет-страница на Кит Го.
Кит Го денеска од 14 часот со дуелот против Кадино на гостински терен продолжува со пријателските натпревари за време на зимските подготовки.
„Се оди согласно планот на подготовките. По првиот дел подготовки во Штип и неколку тест дуели, се преселивме во нашата база во Пехчево каде имавме навистина одлични услови за работа. Екипата напредува од натпревар на натпревар, искрено веруваме дека целосно подготвени ќе го дочекаме почетокот на првенството оваа година“ – вели Ступиќ, кој во својата кариера настапувал во 15 клубови во Србија, Македонија, Црна Гора, Казахстан, БиХ, Хрватска…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА