Титаните во утешното евроско натпреварување, Манчестер Јунајтед и Милан ќе си ги одмерат силите денеска од 18 часот и 55 минути на „Олд Трафорд“, во првиот осминафинален дуел од Лига Европа. Двата тима важат за едни од фаворитите за освојување на натпреварувањето, но само еден тим ќе продолжи понатаму.
На патот до осминафиналето на Манчестер Јунајтед му стоеше Реал Сосиедад, двобој кој „црвените ѓаволи“ лесно го добија (4-0, 0-0), додека Милан се намачи против Црвена Звезда (2-2, 1-1), но на крајот поради повеќе голови на гости помина во следната фаза.
Двата тима поради повреди нема да настапат со сите сили на „Олд Трафорд“. Милан нема да може да смета на услугите на носителите на играта, Златан Ибрахимовиќ, Хакан Чалханоглу, Тео Хернандез и Анте Ребиќ, како и на јануарските засилувања, Марио Манџукиќ и Исмаел Бенасер, а под знак прашање е и капитенот Алесио Ромањоли.
Повредите не ги заобиколија ниту домаќините. Оле Гунар Солшер нема да може да смета на главните напаѓачи, Маркус Рашфрод и Едисон Кавани, но ниту на Пол Погба, Дони ван де Бек, Хуан Мата и Фил Џонс. На голот нема да биде ниту стандардниот Давид де Хеа, а неговото место ќе го завземе Дин Хиндерсон кој ја зачуваа мрежата на дербито против Манчестер Сити.
Низ историјата овие два тима се сретнаа на десет натпревари по кои забележаа идентичен број на победи. „Црвените ѓаволи“ четири од пет пати беа елиминирани од натпреварувањата од Милан, па победа на денешниот меч ќе биде мотивација повеќе.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА