Судиите Игор Стојчевски на центар во Неапол, Јован Качевски во Копенхаген

Младите македонски интернационални судии, Игор Стојчевски и Јован Качевски,  годинава на меѓународната сцена, ја оправдаа довербата што им ја укажа судиската организација на ФФМ, бидејќи успешно отсудеа повеќе натпревари во европските купови, на репрезентативно ниво и на квалификационите турнири за настап на европското и светското првенство за млади. Тоа не остана незабележано кај Судиската комисија на УЕФА затоа што и овој месец добија нови задачи. Игор Стојчевски ќе биде главен судија на 12 декември во Неапол на средбата меѓу Наполи и  Брага во Лигата на европските шампиони за млади фудбалери до 19 години. Ќе му помагаат Слаѓан Марковски и Бранко Путилин. Во оваа група се и Реал Мадрид и Унион  Берлин.  На табелата води Реал  Мадрид со 15, Наполи 7, Брага 4 и Унион  Берлин 2 бода.

Јован Качевски ќе биде главен судија на северот на Европа, во Данска, на мечот меѓу Копенхаген и Галатасарај, што се игра на 12 декември, исто така во Лигата на европските шампиони за млади. Нему ќе му помагаат Куштрим Лика и Дамјан  Василевски. Во оваа група се уште Баерн Минхен и Манчестер јунајтед. На табелата води Баерн Минхен  со 13, Копенхаген и Галатасарај со 5 и Мачестер јунајтед со 4 бода.

Да напоменеме дека Игор Стојчевски во текот на ноември беше главен судија на мечевите во Букурешт меѓу Романија и Франција и Романија-Норвешка, додека Качевски го судеше натпреварот во  Лоѓ меѓу Полска и Израел, играчи до 17 години во квалификациите за Европското првенство.

М.М 

 

Се вчитува...