По препорака на Судискиот одбор на Фудбалската федерација на Македонија, која Судиската комисија на УЕФА ја прифати, младите судии Јован Качевски од Струга, како главен и Бранко Путилин од Скопје, како помошен судија за првпат ќе се најдат на списокот на интернационалните судии. И двајцата во текот на неделава ќе дебитираат на меѓународната сцена.
Jован Качевски ќе суди натпревари во елитната група на квалификациониот турнир, играчи до 17 години во Холандија за настап на Европското првенство што ќе се одржи во Унгарија. На турнирот во близина на Амстердам, кој ќе се одржи од 23. до 28. март ќе учествуваат репрезентациите на Холандија, Англија, Данска и Северна Ирска. Качевски ќе ги суди мечевите Холандија-Данска и Северна Ирска-Данска. На двата натпревари прв помошник ќе му биде Бранко Путилин.
На меѓународната сцена повторно ќе го видиме и еден од нашите најдобри футсал судии Марјан Младеновски. Тој од 22. до 25. март во Бари во Италија ќе суди на квалификациониот турнир за настап на европското првенство на кој ќе учествуваат репрезентациите на Италија, Англија, Турција и Чешка. Младеновски ќе биде еден од судиите на натпреварите Италија-Чешка и Италија-Англија.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА