Македонската репрезентација одигра 1-1 на пријателскиот натпревар со Словенија на подготовките за настапот на Европското првенство 2020 само поради нејасното продолжување на дуелот од цели осум минути од страна на косовскиот судија Бесфорт Касуми.
Во прекрасен амбиент на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, која по повеќе од една година со присуство и на навивачи ги пречека хероите кои ја однесоа Македонија на ЕВРО 2020, националниот тим имаше водство од 1-0 се до 97. минута од средбата по прекрасниот погодок на Елиф Елмас во 55. минута, на асистенција на извонредниот на денешниот натпревар, Езгијан Алиоски. Но, Словенците дојдоа до реми со голот на Чрнигој во 97. минута.
А, првата посериозна шанса на мечот ја имаа Словенците, одлична соло-акција на Иличиќ во 11. минута минувајќи покрај неколку македонски дефанзивци, но шутот завршува покрај голот.
Убава шанса на спротивната страна, повторно низ соло-акција, имаше и Елмас но и неговиот шут од 16 метри заврши блокиран покрај голот на гостите. Уште неколку шанси на двете страни се издвоија во првите 45 минути, но без реализација.
Во второто полувреме далеку поагресивен старт на македонската селекција. Откако во 53. минута убав обид имаше капитенот Пандев, но без реализација, во 55. минута извонредна акција на Елмас и Алиоски. Левокрилниот дефанзивец одлично нафрли од левата страна, а Елмас од прва од 15 метри со волеј удар носи предност за „црвено-жолтите“…
Предноста во продолжение можеше да биде и поубедлива ако Словенците не се одбранеа по одличните обид на Адеми во 68. минута и на Алиоски во 85. минута. Па, откако се одбранија во 97. минута откако непотребно се продолжи натпреварот дојдоа до конечни 1-1 со голот на Чрнигој.
Селекторот Игор Ангеловски на дуелот против Словенците стартуваше со следниот состав: Димитриевски, Бејтулаи, Муслиу, Велковски, Ристовски, Алиоски, Николов, Адеми, Пандев, Елмас и Трајковски. Во второто полувреме уште играа и Ристевски, Тричковски, Костадинов, Аврамовски, Хасани, Чурлинов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА