Последните два шампиони на Европа, Реал Мадрид и Пари Сен Жермен – вечерва од 21 часот на стадионот „Метлајф“ пред повеќе од 80.000 луѓе во Њујорк, ќе се соочат во полуфиналето на Светското клупско првенство.
Парижаните неодамна испишаа историја, со првиот трофеј во Лигата на шампионите, во историјата на клубот. Таа цел беше постигната кога најмалку се очекуваше, а сега е нивната шанса да се докажат против најтрофејниот клуб во Европа.
Ова ќе биде натпревар од посебно значење… Освен што тимовите се борат за голема сума пари во форма на награда за пласман во финалето, ова ќе биде прв настап на Килијан Мбапе против неговиот поранешен клуб.
Французинот помина седум години во Париз, каде што влезе во историјата како најдобар стрелец со 256 гола. ПСЖ требаше да има период на закрепнување и неуспех без него, но се покажа дека тој всушност бил сидрото кое го влечело клубот наназад. Веднаш по неговото заминување, тие ја освоија Лигата на шампионите, а сега двата тима ќе имаат задача да се докажат меѓусебно.
Мбапе го пропушти поголемиот дел од овој турнир поради вирус. Досега одигра вкупно 47 минути на Светското клупско првенство, што беше доволно време за да постигне гол.
Неговата состојба сè уште не е на максимално ниво, па затоа е големо прашање дали ќе биде меѓу почетните 11 на „кралевите“.
Секако, може да се очекува дека тренерот Чаби Алонсо ќе го вклучи во игра во одреден момент, со цел да се тестира против својот поранешен тим и актуелниот европски шампион.
Лондонски Челси го чека победникот во финалето на Светското првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

