ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Ракометната репрезентација на Македонија го претрпе првиот пораз на СП 2025 откако вечерва по голема борба загубивме од Холандија со резултат 32-37. Избраниците на Лазаров во големи периоди од натпреварот целосно му парираа на фаворитот, но на крајот како клучна се покажа завршницата на првото полувреме во кое „лалињата“ се одлепија резултатски и стигнаа до водство што знаеја како да го задржат до самиот крај. Во моментите кога покажавме карактер и дадовме се за да се вратиме, данските судии со бројни исклучувања и пенали за противниците се погрижија Холандија во мирен финиш да го приведе мечот до крај.
Лазаров од самиот старт се реши за изненадување, со Петар Атанасијевиќ како „фластер“ на Лук Стајнс. Митревски отвори со одбрана при првиот холандски напад, а почетните минути минаа во знакот на Филип Кузмановски кој за помалку од десет минути постигна четири погодоци и донесе минимална предност. Успеавме целосно да парираме благодарение на добриот напад, додека на спротивната страна имавме огромни проблеми во одбраната, па „лалињата“ за десетина секунди го наоѓаа патот до мрежата на Митревски. Данските судии во моментите кога заигравме добра одбрана им излегоа на помош на „лалињата“, најпрвин со жолт картон за Лазаров со што ги спасија од пасива, а потоа и со престрого второ исклучување за Никола Маркоски.
Лазаров го изротира тимот, настапивме и се бковска линија Ѓоргиев, Серафимов, Павле Атанасијевиќ, но со извонредна борбеност ја задржавме предноста до 13-12. Сепак, потоа почетнички загубивме топка, па на спротивната страна Атанасијевиќ направи прекршок за пенал, згора на тоа специјалистот за фластер врз Стајнс доби и директен црвен картон. Кузмановски и Митев се вратија на терен, но капитенот беше надвор од ритам, правејќи неколку технички грешки кои гостите безмилосно ги казнија, одлепувајќи се на 13-17. Серијата од над пет минути без постигнат гол ја прекина Серафимов, десниот бек пред крајот на полувремето погоди уште еднаш, па на одмор заминавме со негатива од 15-18.

Проблемите во нападот со играч повеќе кои ја следеа Македонија во целото прво полувреме продолжија и во вториот дел, веќе во првиот напад откако Митев изнуди две минути од Кој. Два напада по ред им подаривме топки на противниците, а без Атанасијевиќ како „фластер“ Стајнс почна да наоѓа дупки во нашата одбрана, изнудуваји пенали што Тен Фелде ги претвори во водство од 15-20. Стојковиќ го даде првиот гол за Македонија во второто полувреме, а по двете успешни одбрани и негатива од 20-23 се разбуди и македонската публика во салата.
Митев блесна со гол од пробив за 21-23, а Холандија реши да тргне седум на шест во нападот и веднаш даде два гола во низа (25-21). Кизиќ во меѓувреме застана на голот, Холандија го промаши првиот пенал (Тен Фелде стрелаше само во дирекот), а Лазаров во 45. минута побара тајмаут при 22-25. Нападот повторно ни делуваше сигурно, но данските судии во клучните моменти кога се враќавме подарија пенал на Холандија по извонредна одбрана на Кизиќ, згора на тоа исклучувајќи го Атанасијевиќ. Смитс го промаши седмерецот, а ние на спротивната страна погодивме со одличен гол на Лазаревски, притоа изнудувајќи и исклучување за Кој, трето за ракометарот на Вардар кој автоматски доби црвен картон.

Во последните десет минути се влезе со 25-28 за Холандија, кога судиите се решија да гледаат ВАР при наш напад, одземајќи ни ја топката и покажувајќи му две минути на Жарко Пешевски. Шоуто на Данците продолжи со уште еден подарен пенал за противникот, згора на тоа и исклучување од две минути за оправданите приговори од нашиот стручен штаб. Во нападот бевме сигурни, но одбраната која речиси цело полувреме беше со играч помалку не можеше да ги запре холанските налети. Олсон побара тајмаут при 28-31 на помалку од шест минути до крајот, а во следниот напад очекувано доби пенал за Холандија и исклучување на Велковски. На трибините веќе ечеше „ИХФ Мафија“, а страстите дополнително зовреа нецела минута подоцна, кога Данците повторно гледаа ВАР, и повторно на штета на Македонија, директен црвен картон за Милан Лазаревски.
Успеавме да се одбрнаиме и со двајца ракометари помалку на теренот, беше досуден пенал за Македонија, а Серафимов биеше прецизно намалувајќи на 30-32. Кузмановски даде нов гол за 33-31, а судиите повторно ги излудеа македонските навивачи, доделувајќи пенал за Холандија за минимален контакт врз Стајнс на осум метри од нашиот гол. Македонскиот инает да го држиме мечот со ефикасен напад продолжи да држи, со нов проектил на Кузмановски, но холандскиот напад исто така функционираше беспрекорно, па „лалињата“ го добија овој меч со конечни 32-37, по двата гола што ги постигнаа во последната минута.
Филип Кузмановски со девет гола беше најефикасен во нашиот табор, шест постигна Серафимов, а со четири гола мечот го заврши Марко Митев.
Македонија в недела во 18 часот го игра дуелот со Гвинеја, на кој реми или победа значат пласман на нашата репрезентација во главната рунда од овој светски шампионат, што исто така ќе се игра во Вараждин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

