Во анализата на вчерашните натпревари од четвртфиналето во Купот на Македонија, Одборот на судии при Фудбалската федерација на Македонија потврди дека е направена погрешка судиска проценка при постигнатиот гол на Вардар со кој црвено-црните се пласираа во полуфиналето на најмасовното домашно клупско натпреварување.
Исто така судискиот одбор потврдува дека на натпреварот во Струмица, на кој АП Брера по изведувањето на пеналите го победи Арсими, не е досуден очигледен пенал за Арсими во 78. минута при резултат 1-1.
АНАЛИЗАТА НА СУДИСКИОТ ОДБОР НА ФФМ ЗА ЧЕТВРТФИНАЛНИТЕ НАТПРЕВАРИ ОД КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА ВИ ЈА ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:
Одборот на судии заедно со стручните соработници го следи секој натпревар со најголемо внимание и има конзистентен професионален пристап. Имено, натпреварите се контролираат од страна на искусни контролори кои биле врвни поранешни републички или интернационални судии, но вклучително и од целиот Судиски одбор.
Во изминатите две одиграни кола во Првата и Втората МФЛ и одиграните натпревари од ¼ финалето на Купот на РМ, Одборот на судии генерално е задоволен од целокупните судиски перформанси, но исто така јавно и транспарентно ги потврди сите погрешни судиски проценки.
На последно одиграните четвртфинални Куп натпревари, конкретно на натпреварот Вардар – Силекс, во 68. минута направена е погрешна проценката од првиот асистент судија при постигнувањето на голот на домашната екипа и истата уште по завршување на натпреварот е потврдена од контролорот.
Исто така, во посочената 6. минута од презентираната видео снимка на ТВ Сител, тврдењето дека „играчот со бр.8 на гостинската екипа е удрен со лакт од противнички играч“ е неиздржано, од причина што одбранбениот играч со бр. 3 на домашната екипа прв стигнува до топката и со испружена рака гради простор при што напаѓачот удира во него. Оттука, би можеле да прифатиме дека не е досуден прекршок, но во никој случај не и некакво удирање со лакт на противнички играч.
Притоа, контрадикторно на тврдењето на гостинската екипа, во 51. минута играчот со бр.75 на домашната екипа стартува преостро врз противничкиот гостински играч со бр. 8 за што правовремено е покажан и жолт картон, нешто што во прикажаното монтирано видео е исечено и не е презентирано на јавноста.
Воедно, ФК Силекс во информирањето до јавноста презентираше и неточни и непрецизни податоци од извадената статистика за бројот на одсудени натпревари на главниот судија, кој во најмала рака е двојно повеќе од презентираното, имајќи предвид дека истиот суди натпревари во Првата МФЛ од 2021 година и навистина како Федерација не би не радувал фактот доколку ФК Силекс вака „педантно и точно“ води статистика и за своите играчи.
Истовремено, Одборот на судии информира дека и на натпреварот помеѓу екипите на ФК Брера и ФК Аресими во 78. минута е направена погрешна проценка од главниот судија и не е досуден пенал за гостинската екипа.
Свесни сме дека фудбалот е динамична игра. Натпреварите од Првата и Втората МФЛ, како и КУП натпреварите се изедначени по квалитет, а судиите го носат „притисокот“ од значењето што секој натпревар го има и очекувањата од нив се големи. И покрај најдобрите напори, ненамерните погрешни судиски проценки се составен дел од секој спорт.
Сепак, изолираните погрешни судиски проценки, кои патем до сега се сите негативно оценети од контролорите на судењето, во никој случај не смее да фрли сенка врз кредибилитетот, професионалноста и интегритетот на судиите, а ФФМ ќе остане посветена на зачувување на интегритетот и транспарентноста во својот ангажман и нема да дозволи неосновани обвинувања да го нарушат кредибилитетот на Федерацијата и нејзините претставници.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

