Судискиот одбор со позитивна оценка за делењето на правдата на мечот Вардар – Брера: „Се потврди неопходноста од ВАР-системот“

Судискиот одбор при ФФМ со позитивна оценка го оцени делењето на правдата на интернационалниот судија Стојанче Трпчевски на денешниот натпревар меѓу Вардар и АП Брера кој заврши со победа на црвено-црните од 1-0.

Од Судискиот одбор ја потенцираат исправноста на воведувањето на ВАР-системот во Македонија, по чија реакција денеска беше досуден очигледниот пенал за Вардар.

„На денешниот натпревар помеѓу ФК Вардар и ФК АП Брера, судиската четворка беше предводена од нашиот нов интернационален судија Стојанче Трпчевски, кој веќе неколку години е еден од водечките судии во лигата, со стандардно многу добри судиски перформанси и константност во интерпретацијата на Правилата на фудбалската игра. Таков беше случајот и на денешниот натпревар, кој го менаџираше авторитетно и сигурно, без ниту еден доделен жолт картон“ – вели Судискиот одбор во својот извештај од натпреварот притоа дополнувајќи:

„За жал, во 90+4. минута од натпреварот повторно се потврди потребата и целта од воведувањето и примената на ВАР технологијата. Во ситуација кога главниот судија, поради својата поставеност и агол на гледање, не можеше да забележи очигледна и казнива игра со рака од одбранбениот играч на ФК АП Брера, по извршена исклучително брза и точна проверка од ВАР судијата Никола Костенчев, кој утврди јасен и очигледен доказ, правилно и навремено беше интервенирано. Со тоа беше донесена исправна одлука – досуден казнен удар за ФК Вардар, поради игра со рака која не е потпирачка, туку е во неприродна положба и одвоена од телото, со што одбранбениот играч при блокирањето на ударот го зголемува волуменот на своето тело. Одборот на судии во целост позитивно ги оценува судиските перформанси на натпреварот, со посебен акцент на одличната и навремена ВАР интервенција“.

Се вчитува...