Судот пресуди во корист на Супер-лигата: УЕФА и ФИФА немаат право да казнуваат…

Организаторите на Супер-лигата предводени од Реал Мадрид и Барселона забележаа огромна правна победа, откако Европскиот Суд денеска донесе одлука дека УЕФА и ФИФА немаат право да ги санкционираат екипите кои сакаат да бидат дел од друго меѓународно натпреварување, кое не е под капата на овие организации.

Како што е добро познато, УЕФА ги казни сите клубови кои беа дел од првичниот проект наречен Супер-лига, дел од нив експресно се повлекоа од идеајата, но Реал Мадрид и Барселона останаа доследни водејќи ја оваа правна битка.

На крајот, судот ги прифати аргументите на УЕФА и ФИФА имаат незаконски монопол за организација на меѓународни натпреварувања, јасно ставајќи го знаење дека тоа е забрането и дека можат да бидат организирани и други регионални, па дури и интерконтинентални фудбалски натпреварувања ширум Европа и светот.

Се очекува оваа судска пресуда да го отвори патот за воскреснување на идејата наречена Супер-лига, откако Флорентино Перез неодамна обелодени дека веќе води разговори со над 40 клубови, кои покажале интерес да бидат дел од ова новоформирано натпреварување. Голем проблем ќе биде да се убедат англиските клубови да се вратат на проектот, по огромното незадоволство што го покажаа сите фанови на „островот“ кога беше обелоденета првата идеја.

Баерн Минхен веќе стави до знаење дека нема шанса да се натпреварува, исто како и ПСЖ, чиј газда е дел од ЕКА, здружението на европски клубови кое тесно соработува со УЕФА.

Едно е јасно, идејата за Супер-лига уште повеќе ќе добие на динамика и популарност во наредниот период, но останува да се види колкав квалитет ќе може да се привлече.

„Го добивме правото да се натпреваруваме, ова е крај на монополот што УЕФА досега го имаше во фудбалот. Фудбалот е слободен, клубовите веќе не треба да стравуваат од казни и можат самите да си ја одредат иднината“, се вели во соопштението на А22 Спортс, конзорциумот кој стоеше зад идејата за фудбалска Супер-лига.

Се вчитува...