Некогаш е потребно малку повеќе од максимална подготвеност за фудбалските ѕвезди да си ги остварат најголеми соништа, па многу од нив веруваат дека ритуалите пред секој меч им носат среќа и позитивни резултати за тимот. Иако секој од нив поминува низ фаза на подготвување пред секој натпревар, што е нормално, често им се потребни нивните суеверија, мислејќи дека тоа дополнително е потребно за да се стигне до триумф.
Ветеранот на Астон Вила и долгогодишен капитен на Челси, Џон Тери тврди дека има околу 50 ритуали пред секој натпревар. Додека ги бранеше боите на клубот од „Стемфорд бриџ“, Тери секогаш седел на истото седиште во тимскиот автобус, го слушал истиот албум од Ашер и секогаш паркирал на истото место на паркингот пред стадионот. 36-годишниот дефанзивец дури употребувал еден ист пар штитници на нозете цели 10 сезони.
И „најдобриот“ верува дека му е потребна среќа, па Кристијано Роналдо прави три исти работи пред секој меч, како и на секоја пауза меѓу двете полувремиња. Сите знаат дека Португалецот секогаш излегува последен од тунелот кога тимот се упатува кон теренот, и неговиот прв чекор на тревата е со десната нога, а потоа и следува неговиот познат скок. За време на паузата од 15 минути, Роналдо секогаш наоѓа време да си ја намести фризурата пред повторно да се појави на теренот.
Сеуверието на дефанзивецот на Манчестер јунјатед, Фил Џоунс според многумина е бизарно и има врска со чорапите. Англичанецот има редослед на облекување на чорапите во зависност од распоредот на неговиот тим. Доколку Јунајтед игра на „Олд трафорд“ нормално е името на тимот да се најде на левата страна на листата на натпревари, додека кога гостуваат Јунајтед секогаш е од десно, па така и Џоунс ги облекува чорапите. Кога „црвените ѓаволи“ играат на домашен терен и Џоунс е во стартниот состав, тој секогаш прво ја облекува левата чорапа, а го прави спротивното кога Јунајтед игра на гости.
Во Англија се прашуваат како Џермејн Дефо и во 34. година од животот игра на високо ниво и при тоа избегнува повреди. Екс-репрезентативецот на „трите лава“ истакна дека пред секој натпревар ја скратува косата бидејќи смета дека така ги избегнува повредите.
Герет Бејл верува дека ги избегнува повредите сечејќи ги чорапите, но факт е дека му требаат уште неколку амајлии за почесто да биде на теренот отколку на терапии. Велшанецот пред секој натпревар ги сече петиците од чорапите, тврди дека така го намалува притисокот на стапалото во копачките и избегнува повреда, но тоа не му успева во последно време.
Многу француски репрезентативци имале еден проблем со екс-селекторот на Франција Рејмон Доменех. Сите играчи кои конкурирале за репрезентацијата и при тоа во хороскоп биле под знакот на Шкорпијата, по автоматизам биле исфрлени од нациналниот состав, поточно не ни биле селектирани. Така репрезентативната кариера на Роберт Пирес заврши, но бенефит од тоа имаше Себастијан Скилачи, кој под знакот на Лавот станал миленик на Доменех.
Холандскиот фудбалски волшебник, покојниот Јохан Кројф правел две работи додека го носел дресот на Ајакс. Пред секој натпревар тој го удирал во стомакот својот колега и голманот на тимот, Гер Балс, а пред самиот почетокот на секој меч Кројф ја плукал мастиката на противничката половина. Легендарниот Кројф само еднаш во кариерата не ја плукнал мастиката на противничката половина, па неговиот Ајакс беше декласиран од Милан со 4-1 во финалето на Лигата на шампиони во 1969 година.
Додека го носеше дресот на Манчестер јунајтед, Дејвид Бекам истакна дека има опсесивно-компулсивно нарушување, па со цел да си го смири духот и совеста, Бекам го преуредувал фрижидерот во својот дом. Се морало да биде перфеткно наредено, а патем пред да ја напушти куќата ги проверувал и останатите предмети дали се на свое место, повторно перфетно подредени.
Чуварот на мрежата на Челси и белгиската репрезентација Тибо Куртоа прави едно нешто кога ги брани боите на својата земја. „Златната ракавица“ во Премиер – лигата секогаш ја допира брадата кога пред секој натпревар се свири химната на Белгија. Камерата успева во неколку наврати да го „фати“ Куртоа како го прави својот мини – ритуал.
https://www.youtube.com/watch?v=BGIm0X90wd4
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА