На третиот ден на Светското првенство во пливање во корејски Гвангжу на програмата беа пет финални дисциплини. Во најинтересната трка на 100 метри градно кај дамите американката Лили Кинг ја одбрани титулата со време од 1:04.93 стотинки, што беше за 56 стоти делови од секундата подобро од големата ривалка, Русинката Јулија Ефимова. Бронзата и припадна на Италијанката Мартина Караро.
До второ злато на шампионатот стигна Кинезот Сун Јанг кој до победата на трката на 200 метри слободно стигна, откако Литванецот Данас Рапшиш кој имаше најдобро време беше дисквалификуван поради грешка на стартот. Среброто му припадна на Јапонецот Катсухиро Матсумото, а бронзениот медал го поделија Русинот Мартин Малутин и Британецот Данкан Скот. Тензично помина доделувањето на медалите каде што Јанг влезе во вербална расправа со британскиот пливач Скот кој не сакаше да му ја честита победата. За потсетување американските, австралиските и британските пливачи отворено говореа против Сун Јанг дека е измамник, откако Кинезот не сакаше да даде крв за допинг контрола.
Поради болест трката на 1500 метри слободно во женска конкуренција ја пропушти златната девојка на американското пливање Кејти Ледецки, која не настапи ниту во квалификациите на 200 метри слободно кои на програмата беа утрово. Во нејзино отсуство нова светска шампионка во најдолгата дисциплина е Италијанката Симона Квадарела која до победата стигна со време од 15:40.89 стотинки. Подиумот го надополнија Германката Сара Келхер и Кинеската Жианжие Ванг.
На програмата беа и финалните дисциплини на 100 метри грбно во машка и женска конкуренција. Кај мажите златото му припадна на Жиајо Жу, пред Евгеи Рилов и Мич Ларкин. Кај дамите најдобра беше Кајли Мас од Канада, среброто и припадна на Австралијката Мина Атертон додека со бронзата се закити Оливија Смолига од САД.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА