Најтрофејниот македонски клуб Вардар славеше на домашен терен против ГРК Охрид во дербито на 3. коло во ракометната Суперлига на Македонија.
И двете екипи одиграа фуриозно во првиот дел, а на теренот како да не постоеја одбрани. Во оваа игра за нијанса подобар беше двократниот европски шампион кој на пауза меѓу двете полувремиња имаше предност од 17-15.
Во второто полувреме и двата тима играа гол за гол па во последните осум минути домаќинот влезе со позитива од два гола 28-26. И во следниот период се играше гол за гол па на четири минути до крајот охриѓани дојдоа на негатива од само еден погодок 32-31. „Црвено-црните“ успеаја да стигнат до плус два 33-31 и до крајот да ја задржат предноста за нов триумф во Суперлигата.
Урош Митровиќ со осум гола беше прво име кај победникот, додека кај поразените Дарко Ѓукиќ исто така постигна осум гола.
Во вториот меч од програмата од 18 часот Бутел славеше на домашен терен против Прилеп со 35-30. Димитар Узунчев беше најдобар поединец кај победникот со шест гола, додека кај поразените не беа доволни деветте гола на Денис Шабановиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

