Повеќе од драматично заврши дерби пресметката во Првата женска кошаркарска лига кое мораше да го одлучат судиите по прегледување на ТВ-снимка. Па по прегледот, одлучено беше дека кошот на Баскет Кам на истек на време не важи, со што кошаркарите на Вардар триумфираа со 64-62.
По изедначената прва четвртина која заврши со минимална предност за Вардар (18-17), домашната екипа заигра уште подобро во втората, и успеа да обезбеди солидно водство на полувремето (37-29). Но не се задоволија со тоа избраничките на тренерот Александар Ашаданов. Напротив, по одморот се стекнаа и со доцифрени (45-34).
Се чинеше дека шампионот е на колена. Но кошаркарките на Баскет Кам 2011 се вратија во дербито и тоа како. Со серијата од (17-3), која им доенсе и водство (51-48). Само како најава дека завршниот дел ќе биде и драматичен…
Се покажа како точна една таква констатација, ако се земе в предвид дека победникот беше одлучен на две секунди пред крајот, оние во кои Моника Зафировска погоди две од трите слободни фрлања. За минимални (64-62), кои се покажаа и како победнички.
Кошаркарките од Македонска каменица дури и успеаја да поентираат во оние две секунди, но по прегледот на ТВ снимката судиите проценија дека тие поени на гостинската екипа не важат, и прогласија победа за Вардар. Петта за девојките во „црвено-црна“комбинација, за максимален ефект, и прв пораз за бранителот на титулата во новата сезона.
На својот прв настап во дресот на Вардар, Селцова потигна 18 поени, младата репрезентативка Начевска погоди четири тројки за 16 поени, додека пак Зафировска финишираше со 10 поени и шест скока.
Во екипата на Баскет Кам 2011, со 20 поени прв стрелец беше Кметовска која дополни и со 11 скока, Тасевска даде 13 поени плус и осум скока, а Димова имаше уште десет поени, девет скока и пет асистенции.
Во сабота, од 18.часот, МЗТ Скопје Аеродром е домаќин на кавадаречки Пробаскет, додека нешто подоцна, на 9. ноември, поради гостувањето во Германија, екипата на Бадел 1862 ќе го пречека Куманово-Гризли.
Поради зафатеност на салата „Бранители 2001“, делот Крива Паланка – Струга 2009 е презакажан за 14.ноември.
ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ – ГРУПА „А“
РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 5.КОЛО
Вардар – Баскет Кам 2011 64:62
4.НОЕМВРИ
18.00: МЗТ Скопје Аеродром – Пробаскет
Сала „Независна Македонија“ – Скопје
9.НОЕМВРИ
20.00: Бадел 1862 – Куманово-Гризли
Сала „Независна Македонија“ – Скопје
14.НОЕМВРИ
18.30: Крива Паланка – Струга 2009
Сала „Бранители 2001“- Крива Паланка
ТАБЕЛА: Вардар 10, Баскет Кам 2011 9, МЗТ Скопје Аеродром 7, Куманово-Гризли 7, Крива Паланка 5, Пробаскет 5, Бадел 1862 4, Струга 2009 4;
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА