Супер-драма: Норвешка е во финалето, Релстад ги скрши данските срца (видео)

Норвешка е првиот финалист на ракометниот мундијал за жени откако оваа селекција во неверојатен меч ја совлада Данска со 29-28, и тоа по продолженија од два пати по пет минути. Данките имаат за што да жалат откако прокоцкаа „плус пет“ од фантастичното прво полувреме, но на крајот пресуди што актуелните светски шампионки во своите редови ја имаа Релстад, кој постигна неверојатни 15 гола, меѓу нив и оној победничкиот буквално со звукот на сирената во второто продолжение.

Данска тргна фуриозно во полуфиналето пред полните трибини во Хернинг, за нецели седум минути поведувајќи со 5-1, пред се благодарение на одличната Хајндал, која постигна четири гола од исто толку обиди. Норвешкиот селектор побара тајмаут, неговите избранички успеаја да намалат на 5-4, но веднаш потоа следеше нова серија на Данките, кои беа во целосна контрола во првиот дел. Блескаше голманката Рајнхарт со серија извонредни одбрани, Норвежанките промашија и два седмерци и два удари во празна мрежа од сопствената половина, па Данска замина на одмор со одлична предност од 14-9.

Светските шампионки се разбудија и експресно намалија на 14-12, резултат при кој Херем имаше зицер за „минус еден“, но Рајнхарт го запре нејзиниот обид од контранапад. Проблемите на Данска се зголемија откако Хајндал заработи тешка повреда и мораше да го напушти теренот, но секогаш кога Норвежанките се приближуваа на „минус два“, Данска ја имаше одличната Рајнхарт за да спречи целосен камбек. На половина од второто полувреме резултатот гласеше 18-16 за Данска, а откако Норвешка со седмерец намали на 18-17, данскиот селектор беше принуден да побара тајмаут. Норвешкиот кормилар возврати со тајмаут на нецели шест минути до крајот, при резултат 22-20 за противникот, но Рајнхарт одговори со својата 13. интервенција, повторно по обид на Херем, но Норвешка се врати целосно и израмни на 22-22, притоа останувајќи со играч повеќе во наредните две минути (од вкупно 2:30 до крајот). Домаќинките беа во шок, загубија уште една топка, а Солберг Исаксен погоди во клучен момент од крило, носејќи прво водство на Норвешка на мечот (22-23).

Во супер-драматичниот финиш Данска тргна со седум на шест во последниот напад, изнуди пенал и исклучување, по што Кристина Јоргенсен го одведе полуфиналето во продолженија (23-23). Првите пет дополнителни минути завршија со израмнети 25-25, во ист стил се продолжи до самиот крај, откако во последните 20 секунди се влезе со 28-28, но феноменалната Релстад со својот 15. гол на мечот ја одведе Норвешка во големото финале.

Релстад беше главна фигура на натпреварот со вкупно 15 постигнати гола, додека Офтедал постигна пет погодоци. Кај Данска покрај одличната голманка Рајнхарт (беше избрана за МВП на натпреварот) најмногу се истакна Кристина Јоргенсен со седум погодоци.

Во второто полуфинале вечерва ќе се сретнат селекциите на Шведска и на Франција.

Се вчитува...