Ракометарите на Е. Пелистер ја прекинаа серијата порази во Лигата на Шампионите откако во 7. коло триумфираа против унгарски Пик Сегед во крајно драматичен натпревар со 25-24 (11-8).
Одиграа „зелените“ извонредно прво полувреме, но дозволија противникот во вториот дел дури да има и предност од еден гол во поголемиот дел, за да на крајот сепак, сосема заслужено македонскиот шампион дојде до толку посакуваниот триумф.
А натпреварот почна со атракција, првиот гол беше дело на Дејан Манасков, по беспрекорно додавање на Хосни македонскиот ас стрелаше мајсторски со лоб, на воодушевување на домашните фанови во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.
Битолчани доминираа на теренот во првото полувреме, имаа и „плус пет“ и напад за шест гола предност, но потоа гостите успеаја да ја ублажат предност, за на полувреме да се замине само со 11-8 за македонскиот шампион.
Но, во второто полувреме вистинска драма на теренот. Уште од самиот старт гостите покажаа дека нема така лесно да се предадат, па во првата третина од вториот дел успеаја брзо да дојдат до израмнување (12-12), а набрзо потоа и до водство од 13-14.

ПИК Сегед потоа постојано, низ игра гол за гол, одржуваше предност од еден гол разлика, се до моментот кога со серија од 3-0 битолчани дојдоа повторно до водство, сега од 22-20.
Во крајно драматична завршница, унгарскиот тим дојде до предност од 23-24. Сепак, Пешевски на минута и пол пред крајот реализира за 24-24. Годфридсон на 60 секунди до финишот напраби пробивање, а на спротивната страна, Кузмановски изнуди пенал кој го реализира Богдан Радивојевиќ, за втора победа на „пелистерци“ во најквалитетното европско клупско натпреварување.

Жарко Пешевски беше незапирлив со седум гола во тимот на Е. Пелистер, Филип Кузмановски постигна четири гола, додека кај ПИК Сегед, Гарсијандиа заврши со шест гола, а Себастијан Фримел имаше пет погодоци.
Во останатите натпревари во Групата Б, Магдебург славеше против Загреб со 27-22, а ПСЖ славеше со 28-31 на гостувањето против ГОГ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

