Супер-финале: Радост и прв пехар за Алкалоид, битолската куп-клетва продолжува

Алкалоид е освојувач на Купот на Македонија откако во супердраматично финале славеше над Е. Пелистер , и тоа по пенал-рулет. Тимот на Кире Лазаров маестрално го одигра овој фајналфор турнир, па по триумфот над Вардар во полуфиналето денеска го зеде скалпот и на битолчани, кои се надеваа дека по 19 години ќе стигнат до куп-трофеј, но овој пост дефинитивно ќе продолжи уште најмалку една година. Младиот Галевски беше херој и на овој меч со два одбранети седмерци во пенал-рулетот, за огромна радост на сино-белите за кои ова е прв трофеј во клупската историја.

Алкалоид многу подобро го отвори натпреварот, со цврста игра во одбраната изненадувајќи ги „зелено-белите“ од Битола. Како што одминуваше времето така скопскиот финалист ја зголемуваше предноста, стигна и до четири гола предност (7-3), по што тимот на Кире Лазаров застана, и тоа во неочекуван момент – кога имаше ракометар повеќе на теренот. Бинго, кој до тој момент беше одличен, промаши зицер за „плус пет“, по што Алкалоид продолжи да се мачи во ситуциите кога противникот имаше ракометар помалку на теренот. „Пелистерци“ не само што умешно се бранеа, туку и ефикасно реализираа со играч помалку, предноста на скопјани почна да се топи, а пред крајот на полувремето тимот на Ангеловски најпрвин израмни, за потоа во 30. минута да стигне и до водство од 10-11, што со два гола во низа го донесе репрезентативецот Пешевски.

Полни со самодоверба, „зелено-белите“ подобро го отворија второто полувреме, стигнувајќи и до три гола предност (12-15). Младиот состав на Алкалоид уште еднаш покажа карактер, успевајќи да се врати и со головите на Дамјан Митев и на Симоноски израмни на 15-15. Пивотот Симоноски продолжи со одлично издание, погодувајќи за водство на „сино-белите“ од 16-15, принудувајќи го Ангеловски да побара тајмаут. Проблемите со нападот на Еурофарм продолжија, Алкалоид стигна и до 18-16, не реализирајќи напад за „плус три“.

Пешевски повторно беше оружјето на „пелистерци“ кога на тимот не му одеше најдобро, одличниот пивот реализираше за 18-17, по што Лазаров побара тајмаут. Лесјак одбрани важен пенал при 19-18 во 51. минута, а потоа уште еден седмерец една минута подоцна, за Радивојевиќ да казни од крило и да израмни на 19-19. Следеше грешка на Серафимов, но и лош напад на „пелистерц“, по што Алкалоид поведе со 20-19 со голот од крило на Мартин Велковски. Повторно беше џокерот кој е најсигуре кога е најважно, погодувајќи за 20-20 на нешто повеќе од три минути до крајот.

Алкалоид доби уште еден седмерец, а Дамјан Митев успеа да го најде патот до мрежата крај Лесјак. Кузмановски со проектил од девет метри израмни на 20-20, а Лазаров на една минута пред крајот го побара последниот тајмаут за Алкалоид, давајќи совети за последниот напад на својот тим. „Сино-белите“ одиграа на раб на пасивен напад, а кога беше најважно блесна Мартин Серафимов, постигнувајќи гол за водство од 21-20 на својот тим. Кузмановски презеде одговорност и изнуди пенал, а потоа капитенот на битолчани самиот го реализираше седмерецот. Марко Митев загуби топка со техничка грешка, а и покрај приговорите од битолскиот тим судиите покажаа дека мечот е завршен, по што победникот беше решен со пенал-рулет.

Лесјак блесна и го запре првиот пенал на Серафимов, но Галевски одговори на идентичен начин бранејќи го седмерецот на Филип Кузмановски. По третата серија Алкалоид беше во предност, откако Марко Митев биеше прецизно, а Радивојевиќ стрелаше во гредата. Пелистер го смени голманот, во четвртата серија на голот застана Гедбан, а младиот Дамјан Митев стрелаше само во гредата. Галевски сепак го продолжи своето шоу со уште една одбрана, овојпат по обидот на Ѓорговски, по што во петтата серија Џонов со извонредна реализација го шокираше Пелистер и му го донесе трофејот на Алкалоид.

Симоноски со пет гола беше најефикасен во победничкиот тим, по четири постигнаа Марко Митев, Велковски и Бинго, додека кај Е. Пелистер најдобри во овој пораз беа Пешевски со седум и Кузмановски со шест погодоци.

Се вчитува...