Супер-јубилеј: Томас Милер го одигра мечот број 500 во Бундес-лигата

Цела „Алијанц Арена“ стана на нозе пред крајот на денешниот меч меѓу Баерн Минхен и Мајнц, кога Компани реши да го уфрли во игра Томас Милер. Поводот беше фантастичен, ова беше јубилеен 500. меч што Милер го одигра во Бундес-лигата, сите во дресот на баварскиот гигант.

Дебито беше пред цели 17 години, поточно на 15 август 2008 кога тогашниот тренер Јирген Клинсман реши да го уфрли младиот Милер во финишот од дуелот меѓу Баерн и Хамбургер. Точно 6.101 дена подоцна, Томас повторно влезе во игра во финишот, овојпат за јубилејниот 500. натпревар во елитното германско фудбалско друштво.

Тој стана само четврти играч во историјата со вакво остварување во германскиот фудбал, зад Чарли Корбел (602 меча за Ајнтрахт Франкфурт), Манфред Калц (581 меч за Хамбургер) и Михаел Ламек (518 средби за Бохум).

Томас Милер имаше вкупно 132 различни соиграчи на патот до овој фантастичен јубилеј.

Како што е веќе познато, Милер на крајот од сезонава ќе си замине од Баерн откако клубот реши да не му понуди продолжување на соработката, a ветеранот се уште нема донесено конечна одлука дали да ја продолжи кариерата или и дефинитивно да му каже збогум на фудбалот.

Се вчитува...