МЗТ Скопје со неверојатна офанзивна партија успеа да ја прекине серијата слаби резултати, триумфирајќи на гостувањето против Игокеа со 99-108. Домашниот тим влезе премногу самоуверен по победите над Будуќност и над Цедевита во претходните две кола, но мотивираните македонски кошаркари знаеја како да го казнат тоа. Одбраната повторно беше далеку под нивото, но овој меч беше добиен со беспрекорен напад, во кој во главна улога беше капитенот Дамјан Стојановски, а во клучните моменти имаше помош и од Бојан Траковски, за втора победа на МЗТ во четвртото коло од АБА-лигата.
Првото полувреме беше убедливо најдобро офанзивно издание на МЗТ Скопје во последните години, откако македонскиот првак за дваесет минути успеа да постигна дури 63 поени. Од самиот почеток стана очигледно дека „металците“ се фокусирани во нападите, Бејли погоди две тројки на стартот, на него се надоврзаа Дамјан Стојановски и Минчев, па „сино-белите“ заслужено ја добија стартната четвртина со 20-27.
За помалку од 90 секунди на стартот од вториот период Стајиќ и Пенов добија по две лични грешки и МЗТ влезе во бонус, а плејмејкерот Вашингтон им создаваше огромни проблеми на македонските кошаркари. Домаќините накратко дојдоа и до предност, но шутот беспрекорно ги служеше „металците“. Во преден план беше Дамјан Стојановски, кој го заврши првото полувреме со 17 поени без ниту едно промашување (7/7 од поле), а одлична помош имаше и од младиот Минчев (14 поени со само едно промашување од поле) и од Јуре Лалиќ (12 поени). Одбраната против Американците Рајт и Вашингтон воопшто не функционираше, но беспрекорниот напад овозможи македонскиот шампион да замине на одмор со шест поени предност од 57-63.
Трајковски премногу солираше и промаши неколку шутеви на стартот од второто полувреме, а тренерот Тодоров се соочи со проблеми откако Гарсија во 24. минута ја заработи четвртата лична грешка. За среќа на МЗТ, на спротивната страна не беше расположен ниту поранешниот „металец“ Љубичиќ, кој го почна полувремето пред Вашингтон. Без стартниот плејмејкер дојде до далеку послаба игра во нападот, а Игокеа знаеше како да го казни тоа, па со тројката на Шибалиќ домашниот тим поведе со 72-69, принудувајќи го стратегот на МЗТ на тајмаут.
Игокеа поведе и со 75-71, но МЗТ експресно се врати и со тројката на Стајиќ и забивањето на Бејли македонскиот првак повторно дојде до предност (75-76). Во последната четвртина се влезе со изрманети 79-79, за Бејли да погоди тројка при првиот напад на МЗТ. Сепак, веќе при следниот напад на Игокеа следеше наивна лична грешка на Пенов (петта за него), при тројката на Рајт, со што Игокеа експресно поведе со 83-82. Веднаш следеше загубена топка на „металците“, па неспортска лична грешка на Бојан Трајковски.
Македонскиот шампион не се предаде, преку Дамјан Стојановски израмни на 87-87, но во 33. минута „металите“ останаа без Гарсија, при резултат 89-89. Бојан Трајковски ја презеде одговорноста кога беше најтешко погодувајќи тројка за водство од 95-96, а на 105 секунди до крајот крилниот центар промаши две слободни фрлања при 97-98. Вашингтон повторно промаши, но во следниот напад Трајковски направи лична грешка во напад. Домаќините знаеја да го казнат тоа и преку Вашингтон поведоа со 99-98, но Трајковски одговори со нова тројка, за водство од 99-101. Печат на овој натпревар стави Дамјан Стојановски со тројка на асистенција на Стајиќ (конечни 99-108), за прекин на серијата од два порази во АБА (вкупно три) и враќање на самодовербата кај избраниците на Александар Тодоров.
Дамјан Стојановски со 23 поени и само едно промашување од поле беше најзаслужен за победата, Минчев постигна 19 поени, додека Бојан Трајковски го заврши натпреварот со 17 поени.
„Металците“ во следното коло на домашен терен ќе ја пречекаат екипата на Цибона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА