Супер-размена: Сигурдсон во ПСЖ, Генсхајмер во Рајн-Некар Левен

Уве Генсхајмер ќе се врати назад во редовите на Рајн-Некар Левен по неколкуте сезони минати во дресот на ПСЖ, а францускиот првак замената за Германецот ја договори токму од таборот на „лавовите“. Станува збор за исландскиот ветеран Гудјон Валур Сигурдсон, кој веќе ги договори условите за преселбата во „градот на светлината“.

Фактот дека исландското лево крило на стартот од наредната сезона ќе има наполнето 40 години воопшто не ги загрижува челниците на ПСЖ, кои се убедени дека во ситуација кога не успеаја да договорат продолжување на соработката со Генсхајмер, тогаш Сигурдсон е вистинскиот избор за нивниот клуб. Впрочем, ПСЖ веќе има покажано дека квалитетот секогаш го зема во предвид пред возраста, со оглед на фактот дека Тиери Омејер брани успешно за „светците“ и на 42-годишна возраст.

За Генсхајмер во изминатиот период се интересираа уште неколку клубови, но тој ја прифати понудата на „лавовите“ и во наредната сезона ќе настапува за тимот чиј дел е и македонскиот репрезентативец Филип Талески.

 

Се вчитува...