Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 направија сензација во Супер-лигата откако го земаа скалпот на шампионот Вардар, триумфирајќи со 27-26 над тимот што до денеска немаше ниту еден пораз на домашната сцена. Триумфот на младите битолчани е апсолутно заслужен, тренерот Јовиќ маестрално ја постави тактиката, а ракометарите одиграа беспрекорно, водеа од почеток до крај и заслужено стигнаа до најголемата победа во клупската историја.
Еурофарм Пелистер одлично го отвори мечот, поведувајќи со убедливи 6-2. Кај „вардарци“ недостигаше Тимур Дибиров, а токму отсуството на искусниот руски ракометар остави силна трага врз изданието на тимот на Веселин Вујовиќ. „Вардарци“ во неколку ситуации успеваа да намалат на „минус два“, Еурофарм Пелистер одговараше со сопствена мини-серија, за на одмор да се замине со водство на домаќините од 14-11.
Темпото на домашниот тим продолжи и во вториот дел, во кој Еурофарм Пелистер 2 долго време не му доз волуваше на Вардар да влезе во ритам. При водство од 20-16 на битолчани гостинскиот голман Томовски одбрани зицер и пенал, спречувајќи „пелистерци“ уште повеќе да се одлепат. Голманот Трајковски непотребно избрза со обид за контранапад при 22-18, по што Вардар успеа целосно да се врати. „Вардарци“ во неколку наврати израмнуваа, но кога беше најважно клучни голови за Еурофарм 2 постигна младиот и суперталентиран Павле Атанасијевиќ.
Клучниот гол го постигна Арсеновски, за 26-25, Вардар тргна со седум на шест и ја загуби топката, по што Цветан Кузманоски релизираше во празна мрежа за тотална еуфорија меѓу присутните во салата „Боро Чурлевски.
Павле Атанасијевиќ со шест гола беше предводник на младите битолчани во оваа голема победа, Кузманоски и Петровиќ постигнаа по четири погодоци, додека на спротивната страна најефикасен кај Вардар беше Гоце Георгиевски со шест погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА