Денешниот ден конечно донесе и добри вести од клиниката во Севилја околу состојбата на Серхио Рико, шпанскиот голман на ПСЖ кој се наоѓаше во животна опасност по тешките повреди на главата и мозокот откако најпрвин паднал од коњ, а потоа бил удрен и со копито во главата од страна на исплашеното животно.
Лекарите неколку дена по ред даваа идентични извештаи дека состојбата не е променета, за денеска конечно да биде внесен оптимизам во целата приказна. Според последните информации од клиниката, медицинскиот тим решил да ги отстрани седативите од терапијата на фудбалерот, а неговиот организам добро реагира на оваа промена. Секако, борбата за целосна рехабилитација продолжи, но добро е што се бележи напредок во состојбата на Рико.
„Состојбата останува компликувана, Рико се уште е на одделението за интензивна нега. Сепак, добро е што по укинувањето на седативите неговиот организам покажува значителен напредок“, се вели во соопштението на клиниката.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА