Македонија ќе биде значително засилена за следниот период со враќањето на Џордан Теодор во составот на нашиот национален тим. Американецот се повреди на пријателскиот меч со Бугарија, па воопшто не настапува на „Трофеј Македонија“, но во изјава за ЕКИПА Теодор открива дека проблемите со повредата на мускулот се разрешени и тој ќе му се стави на располагање на селекторот Јорданчо Давитков.
„Веќе нема никаков проблем, би можел да играм и утре против БиХ, но по консултациите решивме дека е најдобро да го пропуштам и овој меч за да нема апсолутно никаков ризик. Сепак, и последните прегледи покажаа дека повредата е целосно санирана, така што ќе се вратам на тренинзите, а потоа ќе бидам и на располагање за претстојните натпревари. Нема дилеми дека ќе бидам подготвен за игра за стартот на претквалификациите на почетокот од август“ – изјави Теодор за ЕКИПА.
За очекување е американскиот кошаркар од понеделник да почне со тренинзи со остатокот од репрезентацијата, а потоа својот камбек да го има на гостувањето во Бугарија, кое ќе биде последна контрола пред стартот на претквалификациите и гостувањето во Косово на 2 август.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА