Барселона рутински славеше на првиот меч од новата сезона против Мајорка, а каталонскиот гигант дополнително засилен ќе влезе во втората рунда откако Роберт Левандовски ги надмина проблемите со повредата што го мачеше во последните десетина дена.
Полјакот го пропушти дуелот од „Гампер купот“ со Комо, потоа не настапи ниту против Мајорка, но Левандовски денеска му се стави на располагање на тренерот Флик, минувајќи го без проблем целиот тренинг со остатокот од првотимците. Полскиот ветеран јасно ставил до знаење дека повредата е минато и се очекува да се појави од првата минута следниот викенд, во кој Барселона ќе му гостува на новиот прволигаш Леванте.
Левандовски минатата сезона постигна вкупно 42 гола во дресот на Барса и јасно е дека тој ќе биде значајно оружје на каталонскиот гигант и во новата сезона во која Барселона ќе ги нападне трофеите во сите натпреварувања во кои учествува.
На денешниот тренинг не присуствуваше Френки де Јонг, но од Барселона информираа дека не станува збор за повреда, туку тој добил зелено светло од стручниот штаб да земе слободен ден за да присуствува на раѓањето на своето второ дете.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

