Јувентус ќе биде значително засилен викендов за натпреварот против Монца, откако на располагање на тренерот Алегри се вратија двајца стандардни првотимци, Пол Погба и Душан Влаховиќ. Двајцата настапија за младинскиот тим на Јуве на пријателски натпревар пред неколку дена, без проблем го издржаа напорот, па се очекува против Монца да почнат од клупата за резерви, а потоа да добијат шанса во второто полувреме од овој натпревар.
Погба требаше да биде најголемо засилување за „старата дама“ во летниот преоден рок, но Французинот го повреди коленото за време на подготовките и неколку месеци беше „во аут“. Сега агонијата конечно е зад него, па нема сомнеж дека Погба ќе биде еден од главните адути на Јуве во обидот да се обезбеди излез во Европа, што е исклучително тешка мисија по казната од 15 одземени бода поради најновиот скандал во кој што беше вклучен клубот.
Што се однесува до Влаховиќ, Србинот се повреди уште пред СП 2022, тој настапуваше повреден за својата репрезентација во Катар, а по враќањето назад во Италија само ја влоши истата повреда. Паузата беше продолжена, но сега Влаховиќ е здрав за повторно да го носи дресот на Јувентус, во кризните моменти за „старата дама“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА