Со само неколку дена до стартот на сезоната 2025/2026 во шпанската Ла Лига, аналитичарите на Опта преку својот суперкомпјутер ги објавија првите прогнози за исходот на шампионатот. Според нив, актуелниот шампион Барселона има најголеми шанси за одбрана на титулата – 46,5 проценти.
На второто место меѓу фаворитите е Реал Мадрид, кој има 32,1% шанси да заврши на врвот. Овие бројки, според Опта, го поставуваат „кралскиот клуб“ зад Барселона во борбата за шампионската круна. Атлетико Мадрид е трет фаворит со 11,7% шанси за титулата.
Особено интересна ќе биде трката за четвртото место, кое обезбедува пласман во Лигата на шампионите. Во последните сезони, оваа позиција често се одлучуваше во последните кола – минатата година ја освои Атлетик Билбао, додека претходно таму се најде Џирона.
За претстојната кампања, Опта како главен кандидат за четвртата позиција го посочува Виљареал со 13,8% шанси, додека Атлетик Билбао има 13,2% можности да ја повтори минатогодишната успешна завршница. Единствената промена во врвот на табелата во споредба со минатата сезона е размената на позициите меѓу Виљареал и Атлетик.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

