Емил Рајковиќ и ЦСКА Москва максимално одговорија на предизвикот, па во мечот во кој беа соочени со елиминирација го демолираа составот на Локомотив Кубан и се изборија за мајсторка во полуфиналната серија од ВТБ-лигата. ЦСКА го одигра својот најдобар меч во оваа серија, целосно го надигра противникот со 75-98 и ниту за момент не дозволи да се понадеваат на победа што за Локомотив ќе значеше и пласман во големото финале.
Ангажираната игра во одбраната беше главен фактор уште од самиот почеток, во кој ЦСКА одлично го затвори рекетот, па домаќините само со обиди од далечина се обидуваа да го загрозат кошот на фаворитот. Пред крајот на првото полувреме ЦСКА стигна до првото двоцифрено водство (12-22), а избраниците на Рајковиќ потоа во вториот период имаа и двојно повеќе поени од противникот (19-38). На одмор се замина со водство на „пулените“ на македонскиот стратег од 29-52, ЦСКА во третиот период имаше и 30 поени предност, за до крајот рутински да ја одржи позитивата и заслужено да се избори за мајсторка, што в понеделник ќе ја игра на домашен терен во Москва.
Петте членови на стартната петорка на ЦСКА го завршија мечот со двоцифрен ефект, а најефикасни беа Руженцев со 14 и Декок со 13 постигнати поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА